Припадничка на АРМ барала 3.000 евра од кандидат за вработување

Во заедничко дејствување, припадниците на Службата за воена безбедност и разузнавање при Министерство за одбрана и Министерство за внатрешни работи, во координација со Јавното обвинителство во петокот привеле припадничка на македонската Армија за вршење кривично дело поткуп.

„Вработената, служејќи се со лаги и манипулации уценувала кандидат пријавен на оглас да ѝ даде 3.000 евра за да биде примен. Кандидатот е успешен и секако ќе беше примен, а лакомата вработена е лишена од слобода, ќе го изгуби работното место и ќе биде кривично гонета исто како и нејзините соучесници. Ова нека биде порака за сите: за криминалот нема место во Армијата!“, напиша министерката за одбрана Славјанка Петровска на својот фејсбук профил.

Министерката ги охрабрува сите припадници на ресорот и војската, како и засегнатите, да ги пријавуваат ваквите случаи.

„Криминалот и корупцијата ќе добијат жесток и бескомпромисен одговор“, напиша Петровска.