Приштина го демантира Дачиќ: Гана не го повлече признавањето, има акредитиран амбасадор во Косово

Министерството за надворешни работи на Косово ја демантира веста што претпладнево ја објави шефот на министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ дека Република Гана наводно го повлекла прзнавањето на Република Косово, нарекувајќи ја „уште една од низата лаги“ на српската дипломатија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Советникот на министерот во оставка Беџет Пацоли, Јетлир Зиберај за порталот „Газета експрес“ изјави дека Гана има акредитиран амбасадор и почесен конзул во Косово.

– Тоа е само уште една од низата лаги. Се работи за постојана пропаганда и валкана кампања од Ивица Дачиќ и нема потреба да се губи време со него. Гана има акредитиран амбасадор во Косово. Има почесен конзул кој ја претставува. Неодамна министерот Пацоли се сретна со министерката за надворешни работи на Гана (Ширли Ајоркор Бочуар) во ООН во Њујорк, изјави Зиберај.

Шефот на српската дипломатија, Дачиќ претпладнево за белградската ТВ Прва изјави дека Република Гана е шеснаесеттата држава која го повлекла признавањето на независноста на Косово.

Во август 2018 година, кога во Белград престојуваше шефицата на дипломатијата на Гана, Дачиќ објави дека таа најавила оти нејзината земја ќе ја преиспита одлуката за признавањето на Косово. Нарекувајќи ја „едноставно продолжување на српската пропаганда со лажни вести“, косовското МНР тогаш објави дека во јуни истата година Приштина ја акредитирала нерезидентната амбасадорка на Гана во Косово, Салма Франсес Мансел.