Пристигнаа во Украина околу 90 тони американска „смртоносна помош“

Околу 90 тони американска „смртоносна помош“ пристигнаа денеска во Украина, додека се стравува од можна руска инвазија. Тоа е првата пратка од неодамна одобрениот пакет на американска воена помош вреден 200 милиони долари и вклучува муниција за првата линија на одбраната.

Иако досега има распоредено 100.000 војници на границата, Русија постојано негира дека планира да ја нападне Украина, додека западот верува дека тоа е само прашање на време.

„Оваа пратка ја демонстрира нашата силна посветеност кон украинското суверено право на самоодбрана. САД ќе продолжат да обезбедуваат поддршка за украинските вооружени сили во нивните напори да ги одбранат суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата“, соопшти американската амбасада во Киев.

Пратката пристигна само ден по средбата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кои кажаа дека имале искрен разговор во обид да се намалат шансите за нов воен конфликт.

Москва бара Украина никогаш да не стане членка на НАТО и повлекување на војските и опремата на алијансата од делови на Европа. САД и НАТО претходно ги одбија тие барања.