Притвор и за возачот на автобусот на „Дурмо Турс“

Судот му одреди притвор и на возачот на автобусот на „Дурмо Турс“ за автобуската несреќа на автопатот Скопје-Тетово кај Ласкарци, во која загинаа 15 патници. Претходно мерка притвор им беше одредена и на сопственикот и на раководителот на компанијата. За уште три лица се прифатени мерки за претпазливост.

Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за определување мерка притвор за шест лица и мерки за претпазливост за едно лице, кои денеска беа спроведени во судот, судија на претходна постапка по произнесување на лицата како и ценење на фактите и доказите приложени во предлогот , донесе решенија со кои : За Д.Б. Р.М. и М.Т го прифати предлогот на обвинителството и им определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1, 2 и 3 од ЗКП. За И.Ѓ. , Г.Д. и Ј.Б. го одби предлогот на обвинителството за определување мерка притвор со тоа што на И.Ѓ. и Г.Д им определи мерка куќен притвор, заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1, 2 и 3 од ЗКП, додека на Ј.Б. му определи мерки на претпазливост и тоа Одземање на патан исправа а, Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, Обврска повремено да се јавува на службено лице во судот и Забрана за вршење на работни активности. За В.Г. го прифати предлогот на обвинителството за определување мерки за претпазливост. Против овие решенија, странките имаат право на жалба, се вели во соопштението на Судот.