Притвор за дилер од Прилеп

До 30-дневен притвор доби прилепчанецот И.К.(43) во чиј дом полицијата пронашла 364,4 грама хашиш, информира МВР.

„Надворешната канцеларија за криминалистички работи – Оддел за недозволена трговија со дрога при Полициска станица Прилеп денеска до Основното јавно обвинителство Прилеп  поднесе кривична пријава против И.К.(43) од Прилеп,  поради постоење  на основи на сомнение за сторено кривично дело-неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, предвидено и казниво по член 215 од КЗ на РСМ.

По претходно добиени оперативни сознанија полициски службеници преземаа оперативни мерки и истражни дејствија и на 13.11.2019, врз основа на наредба за претрес на дом и други простории издадена од Основен суд – Прилеп, извршен е претрес во домот каде што престојува И.К. При претресот, во помошна просторија во домот на пријавениот, пронајдена е наркотична дрога – хашиш. По извршеното вештачење е утврдено дека смолестата материја е наркотична дрога – хашиш со нето маса од 364.4 грама“, се наведува во соопштението од МВР.

Судија на претходна постапка при Основен суд – Прилеп за И.К. определил мерка притвор во времетраење до 30 дена.