Притвор за двајца возрасни кумановци за растурање дрога

Кривична пријава за двајца скопски дилери
Кривична пријава за двајца скопски дилери

Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица од Куманово на возраст од 59 и 52 години поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело  „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Откако првоосомничениот му помогнал на второосомничениот да отвори транспортна фирма и да започне со работа како превозник, по идеја на првоосомничениот се договориле да преземат канцелариски материјал од фирма во Приштина. Второсомничениот заминал со товарното возило во Приштина, каде го оставил возилото за да се натовари потребниот материјал, а тој се сретнал со првоосомничениот.

По кратко време првоосомничениот заминал да види до каде е утоварот, па откако бил завршен, второсомничениот со товарното возило се вратил во  Македонија, додека првоосомничениот се вратил со такси-возило. По завршувањето на шпедициските формалности, првоосомничениот го известил второосомничениот дека со натоварената стока треба да замине во Грција, по што второосомничениот така постапил.

Меѓутоа, на 9-ти ноември годинава, движејќи се по патот Велес-Скопје кај месноста Ветерско, второосомничениот изгубил контрола над камионото и излетал од патот при што се здобил со телесни повреди. При преглед на возилото, овластени полициски службеници пронашле две пакувања во вкупна количина од 2.008 грама марихуана која второосомничениот неовластено заради продажба ја пренесувал, а во што со умисла му помогнал првоосомничениот.

Со оглед на видот и тежината на стореното кривично дело и можноста истото да биде повторено, јавниот обвинител кој постапува во предметот до Основниот суд Велес достави предлог за определување на мерката притвор за двајцата осомничени. ​​