Мерка притвор им е одредена на двајцата уапсени во саботата во Атина од секторот за антитероризам на грчката полиција, обвинети за учество во терористичко –анархистичка организацијата „Револуционерна самоодбрана“, која стои зад најмалку пет напади во грчката престолнина, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, пред истражниот судија, двајцата уапсени ги негирале и ги отфрлиле обвинувањата меѓу кои освен учеството во терористичката организација, вклучуваат и два обиди за убиство на полицајци.
Од грчката полиција, паралелно објавија фотографии и податоци за двајцата уапсени, но и за третото лице по кое се трага, доколку граѓаните имаат дополнителни информации, да ги пријават.
Во саботата, во голема акција на секторот за антитероризам на грчката полиција, беше извршен претрес во 13 домови, уапсени се двајца мажи на возраст од 41 и 45 години и запленет голем арсенал оружје, а од балистичката проверка на пушките Калашников, произлезе дека една била користена при грабеж пред 20 дена, додека пак втората била употребена во четири терористички напади за кои одговорноста ја презедоа од „Организација на револуционерна самоодбрана“.
Поконкретно, калашниковот бил користен во три напади на седиштето на ПАСОК во центарот на Атина: пукање на денот на евроизборите на 25 мај 2014; пукање во јануари и ноември 2017 кон полицајците задолжени за безбедноста на канцелариите на партијата, при што во првиот напад беше повреден еден полицаец. Со истото оружје било пукано и кон амбасадата на Мексико на 31 јули 2017.
Истата организација, ја презеде одговорноста и за фрлената рачна бомба во амбасадата на Франција пред три години кога беше повреден еден полицаец.