Притвор за Габриел Бајрам поради насилство

Судија на претходна постапка му одредил осумдневен притвор на Габриел Бајрам, советник во Град Скопје и син на починатиот пратеник Амди Бајрам, за кој во понеделникот беше објавено дека кон крајот на јуни со полициска придружба бил донесен во станица на распит за кражбата на струја во скопскиот Градски трговски центар (ГТЦ) и копањето на биткоини.

Од Министерството за внатрешни работи наведуваат дека Бајрам, доцна вечерта на 28-ми јули, заедно со синот, во угостителски објект на подрачјето на скопски Чаир физички нападнале вработен во локалот и оштетиле дел од инвентарот во објектот.

 „Денеска (30.07.2022) по преземени мерки и активности од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал, до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава по брза постапка против Г.Б.(40) и В.Б.(21), за сторено кривично дело „насилство“, по чл.386 од Кривичниот законик. Тие на 28.07.2022 околу 23.30 часот во угостителски објект на подрачјето на Чаир физички нападнале едно лице вработено таму и оштетиле дел од инвентарот во објектот. Лицата се изведени пред судија на претходна постапка, од чија страна на Г.Б. му е изречена мерка притвор, а на В.Б. му се изречени мерки на безбедност“, се вели во соопштението.

Од Скопското обвинителство соопштија дека инцидентот се случил за време на семејна роденденска прослава, откако оштетениот одбил на еден од присутните гости на прославата да му даде чинии за кршење.

„Во тој момент, осомничениот се упатил кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на оштетениот. Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцовки и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот“, велат од Скопското обвинителство.

Претходно во седмицава беше објавено дека Бајрам неколкупати бил повикуван во полициска станица во врска со случајот во ГТЦ, му биле испраќани покани, но не се појавувал пред службените лица. Потоа по него бил распишан централен распис и на 30-ти јуни, годинава бил приведен и спроведен во полициска станица на службен разговор.

Меѓутоа, видеата и фотографиите објавени на социјалните мрежи и медиумите покажуваат дека полицијата вооошто не го барала. Така, Бајрам на 19-ти јуни се појавил на сребата со колициските партнери од владејалката коалиција во врска со ткн „францускиот предлог“, а на социјалните мрежи се појави и видео од прославата во Клубот на пратениците минатата седмица.