Притвор за кичевец што пробал да силува 18 годишна девојка

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Кичево осомничено дека сторило кривично дело силување.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд Гостивар достави и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена, соопшти денеска Јавното обвинителство на РС Македонија.

Осомничениот 22-годишник, на 22 октомври, со употреба на сила и закана дека непосредно ќе нападне врз животот и телото на една оштетена, се појаснува во соопштението, се обидел да ја присили на обљуба. Тој најпрво ја следел оштетената 18-годишна девојка која, заедно со нејзината малолетна сестра, се движела по импровизиран дрвен мост кон нивниот дом во Кичево.

Кога пристигнале спроти платото на товарната железничка станица осомничениот им се приближил и се обидел да изврши обљуба. Оштетената и нејзината сестра неколкупати го удриле и успеале да побегнат, а настанот го пријавиле во полициска станица, стои во соопштението.