Притвор за уапсени за кражбите во Музејот, куќен за Кузман

Седум од осум лица кои вчера беа уапсени поради кражбите од Музејот на Македонија добија 30-дневен притвор, додека на Паско Кузман, поранешен директор на Управата за заштита на кутлруното наследство му е продолжен куќниот притвор, информираше денеска Основниот суд 1 во Скопје.

Притворените, кои се сегашни и поранешни вработени, се осомничени дека во изминативе три години од Музејот украле 162 артефакти и разни предмети.

Портпаролот на МВР Иво Котевски на вчерашната прес-конференција рече дека не е исклучено случајот да се прошири и со други лица, затоа што МВР е во тесна соработка и координација со Јавното обвинителство и постапува по нивните наредби.

Против овие лица, МВР ќе поднесе соодветни пријави за сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба“, „несовесно работење во службата“, „присвојување на добра под привремена заштита, културно наследство или природни реткости“, како и „поттикнување“.

Во досега направените претреси пронајдени се поголем број предмети кои можно е да потекнуваат од претходно пријавената кражба во Музејот, но и предмети кои воопшто не се евидентирани.

„Пронајдени се четири  керамички икони, три керамички ламби, една керамичка монета, една глава на женска фигура на постоље, повеќе сребрени и бронзени фигури, повеќе монети и керамички археолошки предмети, една бронзена монета, дрвена маска и стрела, осум археолошки предмети, метален прстен со изгравиран човечки лик, метален привезок и голем број други предмети, изјави портпаролот на МВР.

Котевски посочи дека се работи за службени лица (програмски директор, виш кустос, ракувач на депото, поранешниот и актуелниот директор на Музејот) од Скопје и од Охрид, како и златар кој е осомничен за „поттикнување“.

Паско Кузман е осомничен дека во неколку наврати подигнал предмети од Националниот музеј-Охрид  при што е изготвен реверс за повеќе копии на кои е потпишан в.д. директорот на музеј на Македонија, додека на една копија на која рачно се потпишани и двајцата, е евидентирана забелешка дека не се враќаат 14 подигнати предмети, туку само 5 археолошки предмети со реверс.

Меѓу другите утврдено е дека членовите на Комисијата за откуп на музејски материјал во неколку наврати вршеле незаконски откуп на монети, со што го оштетиле буџетот за 40 илјади евра. Златарот се товари дека изработувал реплики, а дали ги враќал и репликите и оригиналите, подвлече Котевски, во моментот не може да се потврди. Вмешан е и во незаконскиот откуп на монети.

Основното јавно обвинителство Скопје, во меѓувреме побара спроведување на истражна постапка и притвор за лицата В. З., К.С.С, Ј.П., К.Ч., К.П., К.Ј., К.Д., Е.А. поради основано сомневање дека од ноември 2011 година до октомври 2013 година сториле повеќе кривични дела поврзани со исчезнувањето на 162 артефакти од Музејот на Македонија.

Како што соопшти Јавното обвинителство, лицата се осомничени за присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, за злоупотреба на службената положба и овластување и за несовесно работење.

„Основаното сомневање произлегува од досега прибавените докази, а особено од извршените претреси, одземените предмети и документација, поголем број инвентарни книги, влезни и излезни книги, депојна книга, извештај од археолошки ископувања“, се вели во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.