Притворен гостиварец кој бил во бегство за поседување марихуана и кокаин

Дваесет и две годишен гостиварец вчера е лишен од слобода и му е одреден 30-дневен притвор, откако Основното јавно обвинителство Гостивар донесе наредба за спроведување истражна постапка против него поради сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“  од чл.215 ст.1 од Кривичниот законик.

– На 10 декември полициски службеници се обиделе да извршат личен претрес на осомничениот 22-годишен гостиварец, но тој се дал во бегство. Притоа во дворот на една куќа фрлил машка чанта во која се наоѓале 32 пакувања наркотична дрога марихуана со вкупна нето маса од 36,39 грама и едно пакување кокаин со нето маса од 0,17 грама. Дрогата веднаш била подигната од страна на полициските службеници,  додека лицето било лишено од слобода на 17 декември, соопшти Јавното обвинителство на РСМ.

Судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар го прифати предлогот на надлежниот јавен обвинител и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.