Притвори за уште четири лица учесници за настаните од 27-ми април

Во отсуство, на Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Дејан Давидовски и Младен Додевски, Кривичниот суд им определил притвор поради инволвираност во настаните во Собранието од 27-ми април. Одлуката била донесена минатата седмица, наведуваат од судот, а 30-те дена притвор ќе започнат да течат откако осомничените ќе бидат пронајдени и лишени од слобода.

„Примерок од решенијата, веднаш по нивното изготвување од судот се испратени до надлежното обвинителство, а наредба за распишување потерница, согласно одредбите од законот, донесува органот кој jа води постапката“, се наведува во соопштението на Кривичен.

Од Обвинителството за организиран криминал велат дека сè уште се преведуваат документи поврзани со истрагата за недостапните и по нивното комплетирање тие ќе бидат испратени на Интерпол.

Во меѓувреме веќе се испратени барања до Кривичниот суд за продолжување на притворот за за поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ активистот и блогер Богдан Илиевски, оперскиот првенец Игор Дурловски, режисерот Борис Дамовски, актерот Владо Јовановски и други кои беа приведени на 28-ми ноември кога обвинителството ја отвори истрагата за крвавиот четврток.

По нова година истекуваат 30 дена притвор кои им беа определени на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов како и куќниот притвор за Јохан Тарчуловски, Пешевска и Љупчо Димовски.