Приватниот сектор не сака лоши работници, реагира на „несреќната“ изјава на Манчевски

Бизнис организациите реагираат на вчерашната изјава на министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски кој изјави дека некомпетентните административци ќе им се нудат на приватниот сектор, а државата ќе плаќа за нива преквалицикација.

Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија во изјава за ТВ Сител, вели дека се надева дека ова е несреќна изјава на министерот и дека нема никаква суштина,

Се надевам дека тоа е несреќна изјава на министерот. Дека позади оваа изјава не стои суштина. Дека е направена само техничка грешка. Можеби треба тие луѓе да добијат отпремнина, да добијат поддршка од разните начини и мерки за субвенционирање, Фондот, Оперативниот план за вработување, поттикнување за отворање на мали и средни компании итн. Или со добра квалификација, со подобрени перформанси, квалитети, вештини, да можат да бидат вработени во приватниот сектор. Доколку мерката се спроведе така како што ја најави Манчевски, тогаш Владата ретерира од своите претходни заложби за економски раст преку раст на приватните компании. На бизнисот му се потребни подготвени и квалитетни работници, вели претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.

Министерот Манчевски вчера истакна дека приватните компании ќе добиваат субвенции за плаќање на придонесите на работниците кои ќе ги преземат од администрацијата. Друга опција е да се преквалификуваат на државен трошок. До крајот на годината треба да се направи комплетна реорганизација на администрацијата и јавниот сектор. Една од мерките предвидува дел од буџетарите да бидат понудени на приватниот сектор.