Приватните превозници го блокираа влезот на Град Скопје, бараат средба со Арсовска, се сомневаат дека се предмет на политички игри

Сакаат да нè исклучат од јавниот превоз за да си склучат договор со приватна компанија и да си поделат дебели провизии, кажаа на денешниот протест пред канцеларијата на градоначалничката Данела Арсоска приватните превозници во Скопје. Тие трет ден не возат, а од денеска автобуси нема ниту за приградските населби, па во Скопје владее хаос. По цел саат се чека на постојките, а кога ќе дојде автобус не можат сите патници да влезат бидејќи е преполн.

„Јас сум уверен дека следува колапс на јавниот превоз. Имаме неофицијални информации дека се работи за некоја игра, прво сакаат нас да нè елеминираат од јавниот превоз за некој друг да го преземе односно некоја мултинационална компанија или фирма од соседството. Што ќе се случи тогаш, не смеам ни да помислам. Се спремаат за дебели провизии нас да нè исфрлат, рачето во медот, тоа сега е актуелно да се каже. Памтете ми го зборат, тогаш ќе му дадат и три евра за километар, само некој да си ја заврши работата, да се нафатира убаво и да има мирна пензија“, рече Кемал Муриќ, раководител сектор сообраќај и контола во „Слобода превоз“, кој 32 години како приватен превозник е дел од јавниот превоз.

Возачите од двата приватни превозници „Слободна превоз“ и „Макекспрес“ побараа итна средба со градоначалничката Арсовска оти сметаат дека е погрешно информирана.

„Доведени сме до глад, ни чукаат извршители оти сме задолжени за набавката на нафта. Долгот е 1,5 милиони евра. Ние сме 221 автобус, тоа е 221 семејство оставено без плата. Нема да прифатиме дека е наша вина ако се раскине договорот. Ќе следат правни постапки, а доколку до петок не ни се пуштат пари, ќе протестираме со блокирање на улици“, рече Муриќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.