Приватните превозници на протест пред ЈСП и на средба со Советот на Град Скопје

Веќе петти ден приватните превозници не сообраќаат поради неисплатениот долг на Јавното сообраќајно претпријатие кон нив, а денеска ќе одржат и мирен протест пред централата на ЈСП, потоа ќе остварат средба со сите советнички групи на Советот на Град Скопје за наоѓање решение на проблемите.

Тие вчера беа обвинети од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска дека од 2017 година наплаќале билети, а парите не ги пријавувале и фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец. Во демант на таквите обвинувања превозниците порачаа дека воопшто не се вклучени во наплатата на билети.

Имено, пред пет дена беше соопштено дека автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, нема да сообраќаат поради немање средства за нафта затоа што ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје не го исплатил долгот кон компанијата, а потоа беа исклучени и приградските линии 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73.

Откако приватните превозници соопштија дека нема да сообраќаат, одржаа и средба со претставници на Град Скопје, но немаше позитиве исход.

– Заклучокот беше дека Градот Скопје во моментов не може финансиски да помогне и да гарантира со одредена сума заради тоа што ребалансот на буџетот се уште не е поминат и дека единствено што може да се зборува за решавање на состојбата е дури после 40 дена со новиот буџет, изјави директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски.

Тој информираше дека се во ситуација каде што приватните превозници не можат да обезбедат средства за да ги покренат автобусите и дека со тој проблем се опфатени сите линии.

Јовановски додаде дека не добиле одговор на прашањето зошто е прекината исплатата на средствата што се слеваат во ЈСП по основ на извршен превоз, редовен превоз на патници и превозот од учениците, зошто тие средства што се уплаќаат во ЈСП веројатно се користат исклучиво за потребите на самото претпријатие и зошто не се прават напори за дел од тие средства да завршат кај нив.

– Одговорите се дека е криза, немаме доволно средства, не можеме да гарантираме редовни исплати и цело време се насочуваше на состојбата да се пролонгира целото ова решавање за четириесетина дена, рече Јовановски и даде дека не го разбрале моментот дека навистина долгот е огромен и дека приватните превозници не се во состојба да ги покренат автобусите и дека немаат дури ни за нафта и дека повеќе од три месеци немаат исплатено плати на возачите.

Тој потенцираше дека од Град Скопје се повикуваат на договорот што го имаат склучено, дека имаат обврска да го извршувааат превозот и доколку имаат некои побарувања тоа да го направат во правна процедура и со евентуални тужби.

Јовановски порача дека доколку им се дадат финансиски средства за гориво, јавниот превоз би бил пуштен во функција веднаш, додавајќи дека се свесни за кризната состојба и затоа не бараат целосна исплата, туку тековни средства за да можат да можат превозниците да возат.

Тие, беа обвиниети од градоначалничката Арсовска дека во нивните авотобуси не издаваат фискални сметки, за што Јовановски, демантираше дека автобусите на приватните возачи не се фискализирани.

Град Скопје, како што информираше, има изготвено нов јавен повик каде што приватните превозници ќе имаат можност поединечно да аплицираат за линија.

– „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ од крајот на 2017 година се до овој момент немаат пријавено во продажба ниту еден продаден билет кај приватните превозници кои се членови на овие две здруженија, иако пријавувале дека возеле околу 400 илјади километри на месец и за ова пресметувале по едно евро за извозен километар којшто го фактурирале во ЈСП. Во меѓувреме, од 2017 до 2022 година не пријавиле ниту една продадена карта во автобус на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, истакна вчера Арсовска.

Таа додаде дека во прилог на тоа оди и фактот што од 2017 година, ги немаат фискализирано автобусите така што парите што ги генерирале, завршиле некаде.

Според Арсовска, ова не е само злоупотреба, туку и сериозно затајување на данок којшто не е платен во изминатите пет години.

Таа најави дека нема да бидат премолчени злоупотребите на овие здруженија и дека ќе покренат соодветни постапки по изготвување на финалниот ревизорски извештај.

– Град Скопје изготви нов јавен повик каде што на секој од сегашните поединечни превозници ќе му биде понудено директно и индивидуално да аплицира, да си добие линија со исполнување на условите коишто ќе бидат во јавниот повик и да си работи чесно за да може да обезбеди соодветен јавен превоз, рече Арсовска.