Приведен арачиновецот кој упати закани кон новинарите на НетПрес

Полициски службеници од Одделението за насилен криминал, Единица за насилен криминал при СВР Скопје, вчера во 22.40 часот во Полициската станица Кисела Вода го лишиле од слобода Ш.М. (31) од село Арачиново, скопско.

Тој се сомничи дека на 01.12.2022 по електронски пат испратил порака со заканувачка содржина кон вработени во новинска агенција – интернет порталот НетПрес поради претходно објавен текст.

Во службен разговор во полициска станица тој го признал делото. Во координација со Јавен обвинител, по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Инаку, во заканата на испраќачот добиена на официјална фејсбук страница на порталот НетПрес, според содржината, се претпоставува дека станува збор за реакција во врска со објавената информација за инцидент во скопско Арачиново.

Пораката е од профилот на извесен Шенол Маслани и гласи: ‘за лајкови не земајте луѓе на врат, самите себе се земате на врат… немојте да претерате со лажни вести… оние си побегнале, а вие кај ќе се криете”.

За заканите кон редакцијата, Нетпрес ги извести и амабасадата на САД и амбасадорот на ЕУ во Скопје.