Приведен инспектор на Грчките железници за несреќата во која загинаа 57 лица

Инспекторот на раководителите на железничките станици Димитрис Николау (63) бил на должност во моментот на несреќата и против него е поднесена кривична пријава за „нарушување на безбедноста во сообраќајот“ што предизвикало смрт на многу луѓе, како и убиство од небрежност, вели изворот.
Во судирот на патнички и товарен воз на 28 февруари загинаа 57 лица, десетици беа повредени, а девет лица сѐ уште се на болничко лекување.
Николау е вториот притворен во овој случај и може да биде осуден од десет години затвор до доживотен затвор.
Во притвор е и раководителот на железничката станица каде се случи пропустот Василис Самарас (57). Тој ја призна одговорноста за директниот судир на патничкиот и товарен воз во Темпе, во близина на градот Лариса.
Двајца други раководители на железничката станица, кои беа на должност вечерта на 28 февруари, беа обвинети за предвремено напуштање на работното место и оставање зад себе помалку искусни работници. Двајцата беа пуштени на почетокот на неделата со кауција од 10.000 евра и двапати месечно треба да се јавуваат во полиција.
Покрај одговорноста на раководителите на станиците, оваа железничка несреќа, најголемата досега во Грција, укажа и на хронични недостатоци и доцнења во модернизацијата на безбедносните системи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.