Приведена рускaта новинарка која протестираше на телевизија поради Украина

Руската полиција ја приведе новинарката Марина Овсијаникова, која во март го прекина преносот на телевизија во живо за да ја осуди воената акција во Украина, изјави нејзиниот адвокат претходно во неделата.
Официјална изјава не е дадена, но нејзината придружба објави порака на профилот на новинарката во Telegram во неделата, според агенцијата Франс прес.
„Марина е приведена. Нема информации каде се наоѓа“, велат тие.
Објавата содржи и три фотографии на кои се гледаат двајца полицајци како ја водат новинарката во бело комбе, откако таа очигледно била запрена додека возела велосипед.
Овсијаникова на својот Фејсбук објави и фотографии на кои се гледа со две кучиња, а подоцна напиша дека полицијата ја пуштила.
„Отидов на прошетка со кучињата, штотуку излегов од капијата, кога ми пријдоа луѓе во униформи. Сега седам во Министерството за внатрешни работи на Красноселски“, рече таа.
Три часа подоцна, Овсијаникова рече дека е ослободена.
„Дома сум, се е во ред“, напиша таа. „Но, сега знам дека секогаш е најдобро да земете куфер и пасош ако излегувате“, рече таа.
Нејзиниот адвокат Дмитриј Захватов го потврди нејзиното апсење за новинската агенција РИА Новости, велејќи дека не знае каде е одведена новинарката.
„Претпоставувам дека тоа е поврзано на еден или друг начин со нејзиниот чин на протест“, додаде тој.
Во март, Овсијаникова, уредник на телевизијата Канал 1, упадна на сетот додека нејзината колешка ги водеше вечерните вести, држејќи постер со зборовите „Не, за војната“ на англиски јазик.
Во петокот, Овсијаникова објави свои фотографии на Телеграм, на кои е прикажана во близина на Кремљ, носејќи протестен постер на кој се споменува смртта на децата, а рускиот лидер Владимир Путин го нарече „убиец“.