Приведени 25 лица, повредени десет полицајци

Полицијата привела 25 лица, а десет полицајци биле повредени во вчерашниот протест пред Собранието, информираше МВР.

Во текот на вчерашниот јавен собир во Скопје, пред зградата на Собранието, дел од демонстрантите, од кои голем број маскирани, насилно ја турнаа заштитната ограда и почнаа со фрлање на камења и пиротехнички средства и други предмети кон зградата на Собранието и полицискиот кордон, воедно обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел спречување на понатамошно нарушување на јавниот ред и мир и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата спроведе соодветни мерки и активности. Повредени се 10 полициски службеници, а седум лица побарале лекарска помош. Приведени се 26 лица, велат од МВР.

Според полицијата, околу 21.30 часот околу 50 демонстранти движејќи се во група се упатиле кон Плоштад Македонија и насилно упаднале во два угостителски објекти, каде искршиле дел од инвентарот и предизвикале паника и страв кај присутните гости, а во еден објект демонстрантите врз гостите фрлиле солзавец. Во близина на хотелот „Холидеј ин“ запалено е комбе „Фиат“, а огнот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита.

Министерството за внатрешни работи потенцира дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила врз полицијата и насилен упад во институциите, како и нарушување на јавниот ред и мир. Министерството апелира на демократски начин на изразување на јавното мислење.