Приведени осум лица поради експлозијата на мостот на Крим

Петмина Руси и тројца државјани на Украина и Ерменија се приведени во врска со експлозијата на мостот на Крим, пренесе Интерфакс, повикувајќи се на руската Федерална служба за безбедност, пренесува бугарскиот медиум БНТ.

ФСБ ја посочи главната управа за разузнавање на украинското министерство за одбрана и нејзиниот шеф Кирил Буданов како главен организатор на експлозијата.

Вчера агенцијата БГНЕС пренесе дека во врска со шпекулациите и обидите за вмешаност на името на Бугарија во експлозијата на мостот на Крим, по наредба на премиерот е извршен увид од безбедносните служби. Несомнено е утврдено дека камионот што се разнесе на мостот на Крим никогаш не бил на територијата на Република Бугарија, која беше посочена како појдовна точка за неговата траса.

Според руските медиуми, камионот што експлодираше на 8 октомври 2022 година превезувал полиетиленски филм. Од проверката на бугарските служби е утврдено дека на територијата на Бугарија, од друга земја членка на ЕУ, во контејнер со уредни документи под транзитен режим била внесена стока со слични карактеристики.

За време на престојот на предметната стока во Бугарија, таа била под царински надзор и ја напуштила државата во истиот контејнер преку пристаништето Бургас на 17.09.2022 година во правец на друга земја, не во Русија.

За експлозијата на мостот Русија ги обвини украинските специјални служби, а претседателот Владимир Путин свика итна седница на советот за безбедност.

Експлозијата на мостот Керч се случи во саботата наутро при детонација на камион натоварен со експлозив што предизвика да се запалат и цистерни со гориво во возот што во тој момент поминувал таму. Во експлозијата загинаа три лица.