Привршуваат работите на стадионот во Прилеп и на спортската сала во Тризла

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски и претседателот на ФФМ, Илчо Георгиевски денеска го посети градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп кој е во фаза на реконструкција.

На стадионот со средства од 750 до 800 илјади евра од Фудбалската федерација преку програмата на Сеттрик УЕФА се реконструира теренот, се гради нова дренажа, илуминација. Во моментов во фаза на изградба е дренажата, а наскоро треба да почне и изградбата на столбовите на кои ќе бидат поставени рефлекторите. Подоцна со средства од општина Прилеп во износ од околу 500 до 600 илјади евра ќе се реновира едната од трибините и ќе се доизградат другите трибини со што стадионот ќе биде оспособен за користење со капацитет од 12 илјади седишта.

Како што информира градоначалникот Ристески, стадионот е изграден пред четириесетина години. Досега воопшто не бил реновиран, а во иднина преку јавно приватно партнерство се планира да се изградат и објектите под трибините, како и да се покрие дел од стадионот.

Претседателот на ФФМ, Георгиевски посочи дека по реновирањето на стадионот тој ќе биде од трета категорија и ќе ги исполнува сите услови за одржување меѓународни натпревари, вклучително и на репрезентативно ниво. Се очекува целосно да биде готов за неколку месеци.

Груевски заедно со Ристовски изврши увид и во активностите за изградба на спортската сала во ОУ „Добре Јовановски“ во прилепската населба Тризла, која е во завршна фаза. Спортската сала, како што рече заменик министерот Ристовски, е од големите сали со трибини за 450 посетители, соблекувални и повеќенаменски спортски игралишта за ракомет, кошарка, одбојка, мал фудбал.

Ова е четврта спортска сала што ја градиме во Прилеп и е речиси готова. Станува збор за инвестиција во вредност од 42 милиони денари. Во неа ќе може да се игра мал фудбал, кошарка, ракомет одбојка, гимнастика  и други спортови, изјави Груевски.

Тој нагласи дека салата ќе биде готова до почетокот на школската година и додаде дека во училиштето учат ученици од различни етнички групи, пред се, од македонско и ромско потекло, а ќе може да ја користи и локалното население, како и клубовите за тренинг.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.