Спорот со името – тема на средбите во ОН

Разговори за спорот со името во рамки на средбите во ОН. Ципрас и Кери разговараа за спорот со името, а се очекува утре истото да го направат премиерот Груевски и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун.

На средбата со американскиот државен секретар Џон Кери, грчкиот премиер Алексис Ципрас ги повторил веќе добро познатите грчки црвени линии.

Кери изразил поддршка од САД за изнаоѓање решение, како на прашањето со името, така и на кипарскиот проблем, јавува Канал 5.

Алексис Ципрас ја истакна намерата на грчката влада за решавање на спорот со името, со сложено име со географска одредница и севкупна употреба, но и потребата да се покаже  соодветна подготвеност од страна на ФИРОМ, соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер.

Средбата следеше само еден ден по „дипломатскиот инцидент“, кога САД одбија да го променат името на нашата земја од Република Македонија во ФИРОМ на конференцијата за борба со џихадистите.

Канал 5 нагласува оти и понатаму останува енигма, дали Ципрас и Коѕиас му се пожалиле на Кери за американската позиција, како што тоа го стори Венизелос во декември минатата година со допис до американскиот државен секретар.

На средбата на која што присуствуваше и шефот на грчката дипломатија, станало збор и за грчкиот долг, за бегалската и мигрантска криза, за случувањата во Украина и Сирија, но и за енергетската политика.

Премиерот Никола Груевски пак утре според највите ќе се сртене со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, а проблемот со името најверојатно ќе биде една од темите. Средбата се очекува да се одржи по обраќањето на Груевски пред Генералното Собрание на ОН.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.