Продолжен викенд без ДДВ за домашни производи, услуги и ИТ-опрема

Денеска, утре и во понеделник се спроведува мерката „Викенд без ДДВ“ со која ќе се враќа целиот данок на додадена вредност за македонски производи и услуги, како и за компјутерска опрема без разлика на нејзиното потекло.

Мерката може да ја користат граѓаните кој ја користат апликацијата „Мој ДДВ“ и со неа ќе треба како и до сега да ги скенираат фискалните сметки, но во рок од три дена на издавањето.

Граѓаните можат да трошат најмногу до 30 000 денари по лице, а за надминатиот износ вкупниот промет ќе се пресметува според редовната пресметка односно 20 проценти.

Парите од повратот на целосниот ДДВ ќе треба да „легнат“ на сметките на граѓаните во рок од 15 дена, односно до крајот на октомври.

Засега околу 350 000 граѓани можат да ја користат оваа мерка. Тоа е бројката на регистрирани во системот на Управата за јавни приходи за скенирање фискални сметки.

Надлежните очекуваат овој број да се зголеми и апелираа граѓаните да не забораваат на мерките против ковид-19 и за време на пазарењето да носат заштита и да одржуваат дистанца.

За оваа мерка која е дел од пакетот антикризни мерки на Владата поради пандемијата, Собранието вчера  со 71 глас „за“, девет воздражни и без ниту еден против го донесе Законот за изменување и дополнувањe на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, по скратена постапка.

Проектот „Викенд без ДДВ“, според владејачкото мнозинство, ќе значи врачање пари назад на сметките на граѓаните, поддршка на приватната потрошувачка и зајакнување на домашниот буџет. Проценките се дека со оваа мерка кај граѓаните ќе се слеат 17.000 милиони евра, а целта е да се поттикне прометот на домашни производи и услуги, како и заради зголемена дигитализација на нашето општество.

Опозицијата, пак, смета дека законот е напишан набрзина и оти неговата примена доцни, како и дека не е доволно да се спроведува само во еден викенд.