Продолжува негата на вредностите на македонската кујна во општина Илинден со „Етно- вешта жена“

Во Домот на култура „Илинден“ во насeлба Илинден, по повод христијанскиот празник Свети Јован, се одржа хуманитарната манифестација „Етно – Вешта жена“. На манифестацијата која што втора година по ред се одржува во Општина Илинден, со што прераснува во традиција, учествуваа над 70-тина жени од 12 населени места од Општината кои подготвија повеќе македонски традиционални јадења.

Сите јадења презентирани на преполните трпези многубројните гости можеа да ги купат, а со оглед на тоа што манифестацијата има хуманитарен карактер собраните средства се наменети за набавка на пијано, кое што ќе биде сместено во Домот на култура „Илинден“. Минатата година од средствата собрани од првата ваква манифестација беше набавен разбој кој денес е сместен, исто така во Домот на култура „Илинден“.

Вештите жени од Општина Илинден со своите јадења покажаа дека навистина се умешни во кујната, а со оглед на тоа што настанот имаше и натпреварувачки карактер, на оние што ги подготвија најдобрите јадења им беа доделени и пригодни награди. На манифестацијата, покрај вештите жени од Општината, со свои традиционални јадења се претставија и вештите жени од градот Скопје.

Во музичкиот дел од оваа манифестација која што ги негува и пренесува етно вредностите на македонската кујна, со сплет од македонски ора настапи ансамблот за народни песни и ора „Илинден 72“.