Продолжи седницата на собраниската Комисија за избори на уставни судии со процедурални забелешки

Седницата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата продолжи во тензична атмосфера, откако пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Лидија Петковска со процедурални забелешки обвини дека претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска на минатата седница прекршила неколку членови од Деловникот. На тоа Георгиевска образложи оти Комисијата никогаш не го прекршила Деловникот, по што пратениците почнаа да дофрлаат од место. Георгиевска даде пауза, а за продолжението рече оти ќе информира преку службите.

Петковска меѓу другото обвини дека е прекршен членот 81 став 2 од Деловникот, според кој претседателот, во случајот Георгиевска, ја прекинува седницата, односно дава пауза по барање на координатор или заменик координатор на пратеничка група кој во текот на денот може само еднаш да побара прекин во траење од еден час, што во петокот не било случај, бидејќи пратеничка 10 часа говорела без право на пауза.

Георгиевска, пак, истакна дека доколку пратениците се решиле да говорат маратонски, тогаш треба да бидат и физички и психички подготвени да го издржат напорот.

– Во Собранието за овие две години јас не сум видела на ниедно работно тело додека говори кој било пратеник дека во моментот ќе може да излезе, рече Георгиевска.

Членовите на собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата треба да ја продолжат расправата за изборот на јавниот обвинител Љубомир Јовески за уставен судија.

Пратеничката Петковска нагласи дека Љубомир Јовески нема да стане уставен судија. – Јовески четири години молчел и не правел надзор на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Самиот тој потврдил дека не направил надзор и во други обвинителства заради состојбите со Ковид-19. Си молчи човекот, а чека награда, да стане уставен судија. Борбата против криминалот не подразбира молчење. Да покренеше обвиненија и да имаше расветлување на криминалите ние денес радо ќе ја поддржавме неговата кандидатура за уставен судија, рече Петковска.

Членовите на оваа Комисија минатата недела дадоа поддршка на изборот за уставни судии на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер, и двајцата предложени од СДСМ.

Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска.

Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав, бидејќи од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.