Продолжува да опаѓа бројот на новозаболени од Ковид-19 во Косово, расте бројот на излекувани

Во Косово вчера се потврдени седум нови случаи на заболени од Ковид-19, со што продолжи неколкудневниот тренд на опаѓање на бројката на лица кај кои, по извршените тестирања, е откриено присуството на новиот коронавирус.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, вклучително вчерашните нови случаи, од кои петмина се од Призрен и по еден од Витина и од Јужна Митровица, од појавата на епидемијата во Косово се евидентирани вкупно 806 лица кај кои е потврдено присуството на новиот вирус. Лицето од Јужна Митровица кое вчера резултира позитивно на вируот е првиот случај на заболен во таа општина.

Во синоќешното соопштение на Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) се наведува и дека во чертвртокот во земјата се потврдени 22 нови случаи на лица кои, по тестирањата два дена едноподруго, согласно методите на Светската здравствена организација, резултираа излекувани од Ковид-19, со што бројката на тие кои ја пребродиле болеста се зголеми на 271.

Во Лабораторија за молекуларна микробилогија на ИШПК вчера се извршени испитувања на 243 примероци на лица за кои постоело соменавње дека е можно да се заразени од новиот вирус, со што вкупната бројка на досега извршени тестирања достигна до 7.423.

Трет ден по ред во Косово не е евидентирана ниедна жртва на Ковид-19, така што вкупната бројка на починати од заразата и натаму е 22.

Косовскиот министер за здравство Арбен Витиа вчера најави дека од понеделник, 4 мај, ќе започне постепено ублажување на одредени рестрикции кои беа воведени поради епидемијата. Меѓу новите мерки е зголемувањето на времето кое граѓаните ќе можат да го поминуваат надвор од своите домови, од 90, колку што е сега, на 180 минути дневно, како и дозволувањето на започнувањето со работа на одредени бизниси, пред се од производната и од градежната сфера.