Продолжува постапката против лицата кои го ископале и отвориле гробот на 17 годишната девојка во Куманово

Основното јавно обвинителство Куманово издаде повеќе наредби за вештачења на голем број подигнати докази при извршениот увид на Градските гробишта во Куманово, каде на 10.10.2021 година три лица се обиделе да одземат туѓи подвижни предмети од починато лице, со намера противправно да ги присвојат.

По наредбите се постапува, а за лицата беше поведена постапка за сторено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик. Истовремено, обвинителството испитува дали постојат елементи и на други сторени кривични дела поврзани со настанот.

За предметното кривично дело е запретена казна затвор во траење до 5 години. Согласно Законот за кривична постапка за овие дела мерката притвор може да трае најмногу 8 дена. Со оглед на тоа што прибирањето на доказите се уште трае, мерката притвор која беше определена за еден од осомничените од страна на Судија на претходна постапка е заменета со други мерки за обезбедување на неговото присуство – одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, одземање на личната карта како исправа за преминување на државната граница и задолжително јавување во Основниот суд Куманово кај определено службено лице.

Овие мерки се определени од Основниот суд Куманово со цел да се обезбеди присуство на осомничениот во натамошниот тек на постапката. Останатите двајца осомничени во моментов се наоѓаат во затвор на издржување казна за друго кривично дело.​

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.