Продолжува расправата за буџетот во Собрание

Во Собранието денеска продолжува расправата за буџетот за следната година во рамки на 80-тата седница.

Пратениците треба да се изјаснат и по Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција во Авганистан во состав на меѓународните сили за безбедносна поддршка на Авганистан – ИСАФ, за предлогот за избор на член на Судскиот совет на Македонија, како и за предлог-одлуките за објавување јавен конкурс за именување член на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и за објавување оглас за избор на членови на Комисијата за верификација на фактите.

Пратениците треба да дискутираат и по предлог-законите за ратификација на Меморандумот за разбирање за соработка во здравството помеѓу Владата на Македонија и Владата на Катар и на Спогодбата меѓу македонската Влада и Владата на Романија за соработка во областа на образование, наука, култура, мас-медиуми, млади и спорт.

На дневниот ред на собраниската седница се и повеќе други точки меѓу кои и предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита, на Законот за работните односи, на Законот за персоналниот данок на доход, на Царинскиот закон, сите во  второ читање.