Продолжуваат блокадите и хаосот со носењето на законите од областа на одбраната и безбедноста

Хаосот и блокадите со носењето на законите од областа на одбраната и безбедноста како и нивното непочитување по донесување и во периодот на нивна имплементација продолжува, ова денеска на прес-конференција го истакна Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ.

-Ако претходно усогласените двотретински закони помеѓу власта и опозицијата предложени од Оливер Спасовски, на нив амандмани поднесуваа Ременски и Локвенец, потоа за Законот за следење на комуникации заеднички предложен од позицијата и опозицијата предложен од Костадин Костадинов амандмани поднесе пратеничката Соња Мираковска, донесениот закон  за Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски директорот на оваа Агенција воопшто не сметаше за потребно дека треба да ги испочитува при основање на оваа институција. Оваа судбина на овие Закони ги делат и новите закони кои се во собраниска процедура, а тоа е измените на Законот за одбрана и измените на Законот за служба во Армијата на Рњпублика Македонија. Имено на барање на министерката за одбрана госпоѓата Шекеринска во фаза пред да биде донесен законот во владина процедура имавме средба во Собранието на која продискутиравме околу идеите како да се подобри постојниот Закон за одбрана. Тогаш од наша страна несебично споделивме се што сметаме дека е во интерес на одбраната, во интерес на Армијата, во интерес на нашите НАТО интеграции. Единствена работа како опозиција побаравме законот да не се опременува со членови кои што би биле спорни за опозицијата да го даде својот глас, а тоа е преименувањето на нашата Армија. На наше изненадување, СДСМ намерно тој член го вметна во измените на законот и на еден начин вештачки искреира криза тој закон да не биде донесен, вели Димитриев.

Додаде дека во изминатиов период како опозиција конструктивно апелиравме да се повлече тој член кој што е спорен за нас, останатото се што значи усогласување со НАТО процедури би го прифалите и би го гласале. Меѓутоа, за тоа немаше слух од власта, затоа ние денес ја информираме јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ поднесе измени на Законот за одбрана, текст на закон  кој што е апсолутно идентичен со текстот на законот предложен од Владата, исклучиво нешто што го нема во нашиот текст е промената на името на Армијата на Република Македонија, нешто за кое ВМРО-ДПМНЕ настојува на престојните предвремени парламентарни избори да побара поддршка од народот за негово ревидирање.

-Не е даден одговор зошто подолго време и Законот за служба во Армијата не се става на дневен ред, т.е не ја започнува својата собраниска процедура иако беше најавен пред месец дена, доставен до Собранието сеуште  измените на Законот за служба во Армијата не се во собраниска процедура, најавуваме дека на седницата во понеделник ние ќе бараме тој закон да се стави на дневен ред. Трет закон кој исто така е блокиран е законот за изменување на Законот за следење на комуникациите кој што е предложен и од власта и од опозицијата кој во прво читање ја доби двотретинската поддршка меѓутоа потоа со еднострани желби на СДСМ тој закон на еден начин се блокира. Бараме овие три закони да бидат изгласани до распуштањето на Собранието, бидејќи се од витално значење на одбраната, безбедноста, за нашите НАТО интеграции. Во случај кога СДСМ одлучи да не врши парламентарен надзор, имајќи го апсолутното мнозинство во Комисијата за одбрана и безбедност и претседател на истата комисија, сметаме дека останатите две комисии не треба да бидат хендикепирани и надзорот треба да се овозможи да биде квалитетен онака како што заслужуваат граѓатаните, бидејќи граѓаните заслужуваат сферата на одбраната и безбедноста треба да има адекватен одговор, рече Димитриев.