Продолжуваат преговорите меѓу УПОЗ и МИОА, ако не успеат протести и штрајк

Синдикатот на Управата, правосудни органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) и Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) денеска ги продолжија преговорите за колективниот договор за вработените во администрацијата и за најавената реогранизација на јавниот сектор односно трансферот на вработените од јавен во приватен сектор.

Двете страни се надеваат дека ќе се усогласат, но доколку не успеат преговорите, од Синдикатот најавуваат протести и штрајк.

– Од оваа средба можеби, не, но од неколкуте наредни ќе зависат понатамошните наши чекори, односно како ќе се организираме бидејќи преговорите околу колекитивните договори може да траат и по година-две, но сепак добро е тие да бидат и ефикасни. Се надевам дека по денешната средба ќе излеземе со горе-долу усогласени ставови и ќе можеме во најскоро време да го потпишеме колективниот договор, изјави претседателот на УПОЗ Пеце Грујовски пред средбата со министерот Дамјан Манчевски.

Спорни прашања во колективниот договор околу кои треба да се договорат двете страни се регресот за годишен одмор, додатоците на плата, дневниците за службени патувања кои беа укинати со одлука на Влада и јубилејните награди. Отворено останува и прашањето дали колективниот договор ќе важи само за членовите на Синдикатот на УПОЗ или и за останатите вработени кои не се членови на синдикатот.

Од Синдикатот имаат забелешки и за Законот за административни службеници во делот на оценувањето, унапредувањето и наградувањето на административните службеници.

Нивниот предлог за пресметка на платите е сегашната вредност на бодот од 81,10 денари да биде замрзнат и од Нова година платите да се усогласуваат со просечната плата во државата.

Министерот Манчевски смета дека временскиот период е погоден за преговарање и се надева дека ќе се усогласат за дел од прашањата. Апелира сите страни, односно синдикатите, коморите и сите заинтересирани сериозно да се вклучат во процесот на реорганизација на јавниот сектор.

– Мислам дека имаме позитивна атмосфера и шанса да се договориме околу неколку клучни работи кои ќе ни дадат добра основа да потпишеме колективен договор, а да продолжиме да преговараме за оние работи за кои евентуално нема да се договориме. Политиката на оваа Влада е зголемување на платите, но треба да се имаат предвид и ефикасноста и резултатите, како и можностите на Буџетот, рече Манчевски.

Тој посочи дека до крајот на годината се очекува да завршат функционалните анализи во институциите и оти се отворени за разни предлози околу трасферот со цел да нема оштетена страна во целиот процес.

– На почеток на процесот сме. Ќе бидат вклучени и синдикатите, и коморите и сите заинтересирани страни. За ова мора да се разбереме сите. Целта е во овој процес да нема оштетени – ниту државата, ниту вработените, ниту приватниот сектор. Бараме механизами со кои не би требало да има повредени во процесот, нагласи Манчевски.

Во јавниот сектор, според последните пресметки има околу 130 илјади вработени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.