Продолжуваат жестоките протести во Еквадор поради цените на горивата

Илјадници автохтони жители и припадници на другите незадоволни групи маршираа во еквадорската престолнина Кито поради цените на горивата во протестите кои започнаа пред девет дена.

Претседателот Гвиљермо Ласо ја прошири вонредната состојба на уште шест покраини и прогласи полициски час во Кито за да ги задуши протестите во коишто веќе има десетици повредени.

„Со оваа одлука заштитена е благосостојбата на граѓаните соочени со насилството. Истовремено заштитени се правата на оние кои мирно протестираат“, соопшти во понеделникот вечерта еквадорската влада.

Пеш, со мотоцикли и во преполни камиони, домородците протестно маршираа кон центарот на Кито од Кутуилгагуа, област на југот од покраина Кито.

Моќната Конфедерација на автохтоните националности на Еквадор (Conaie), којашто во минатото беше заслужна за соборување на тројца претседатела во периодот меѓу 1997 и 2005 година, повика на протести бидејќи Еквадорците сѐ потешко можат да врзат крај со крај.

Автохтоните жители ги има повеќе од милион од вкупни 17,7 милиони жители на Еквадор, а на нивниот протест му се придружија и студентите, работници и мноштвото кое чувствува економски последици.

„Повикавме на дијалог, но тие не сакаат мир. Тие бараат хаос. Тие сакаат да го соборат претседателот“, рече Ласо во видеото објавено на Twitter во понеделникот.

Полицијата објави дека од почетокот на протестите 63 полицајци досега се ранети во судирите, а 21 полицаец накусо биле држени како заложници, додека групите за човекови права известија дека се уапсени 79 а ранети 55 цивили.

Еквадор, кој е произведувач на нафта, е погоден од растечката инфлација, невработеност и сиромаштија која беше влошена од речиси двегодишната пандемија на коронавирусот. Цените на горивата значително пораснаа од 2020 година, а конфедерацијата Conaie бара намалување на цените на горивата на 1,5 долари за галон дизел и 2,10 долари за галон бензин. Бара и намалување на цените на храната и повторно да се преговара за личните банкарски кредити на околу четири милиони.