Продолжува серијата без победа на ПСЖ, газдите размислуваат за кратење на финансиите

Фудбалерите на старо-новиот француски фудбалски шампион Пари Сен Жермен одиграа на домашен терен само 1:1 против Ница во 35-то првенствено коло.

Гостите поведоа со погодокот на Игантиус Ганаго во 46 минута, а израмни Нејмар во 60 минута од пенал. Парижаните ја испуштија победата откако Единсон Кавани не релизираше пенал во третата минута од судиското продолжение.

ПСЖ одамна ја осигури новата титула, и покрај серијата лоши резултати останува на чело на табелата со предност од 17 бодови пред второпласираниот Лил. Ница е седма со 52 бодови.

Со ова реми всушност продолжува кошмарот на ПСЖ по мартовскиот пораз од Манчестер Јунејтед во Лигата на шампионите, и оттогаш забележаа само една победа и три порази во последните шест натпревари, вклучително и губењето на титулата во националниот куп на пенали од Рен, и покрај водството од 2:0.

Во четвртокот порталот Get French Football News пишуваше дека реководството на ПСЖ размислува за кастрење на финансиските средства за клубот. Според изворите, катарските сопственици на парискиот клуб се незадоволни од постојаните критики на адреса на клубот особено поради неуспесите во Лигата на шампионите, и стравуваат дека негативните коментари ќе го расипат имиџот на Катар.

Покрај тоа, менаџментот на клубот е разочаран и од високите даноци во Франција. Истакнуваат дека за осум години, биле платени даноци во висина од милијарда евра. Сепак, како што посочил соговорникот, кастрењето на финансиите најверојатно нема да се случи до крајот на Светското првенство во 2022 година, кое ќе се игра токму во Катар.

Во моментов компанијата „ Qatar Sport Investments“, во чија сопственост е ПСЖ, преговара и за купување на италијанска Рома. Покрај тоа, не е исклучена можноста КАтарците да купат еден од клубовите во англискиот шампионат.