Продолжува серијата победи на Тандерс

И покрај тоа што последните седмици играа во одлична форма, ниту кошаркарите на Филаделфија 76-ерс не успеја да ја запрат победничката серија на Оклахома Сити Тандерс кои на домашен паркет беа подобри со 122:112 остварувајќи ја осмата победа во низа.

Екипите повеќепати се менуваа во водство во текот на дуелот, а шест минути пред крајот резулататот беше 101:101. Но во финишто Расел Вестбрук со неколку одлични напаѓачки акции ја одведе својата екипа до победата. Вестбрук беше близу уште еден „трипл-дабл“ за кој му недостигаше само еден скок, завршувајќи го дуелот со 37 погодоци, 14 аистенции и 9 скокови. Одлична поддршка имаше во Пол Џорџ кој постигна 31 кош, и во Стивен Адамс кој мечот го заврши со 20 кошови и 13 скокови. Кај Сиксерс најдобар беше Џоел Ебид со 27 поени и 10 скокови, и Бен Сајмонс со 22 поени.

Тандерс со оваа победа стасаа до сооднос на победите и поразите 30-20, и се на петтото место во Западната конференција, додека Сиксерс со скор 24:22 се осми во Источната конференција.

Втората екипа во Западната конференција, Хјустон Рокетс рутински на свој терен со 113:102 ги совладаа Феникс Санс. Ѕвездата на Рокетс, Џејмс Харден, исто така, беше близу до остварување „трипл-дабл“ со 27 кошови, 10 скокови и 8 асистенции, додека кај Санс најефикасен беше Девин Букер со 31 кош и 10 асистенции.

Хјустон Рокетс сега се на сооднос 35-13, а пред нив се само шампионите Голден Стејт Вориорс со 40-10, додека Феникс Санс со скор 17-33 се 13-ти во Западната конференција.

Минатогодишниот финалист Кливленд Кавалирс на свој терен ги совлада Детроит Пистонс со 121:104, а до победата стаса благодарејќи на одличната четврта четвртина која ја решија во своја полза со 31:17. Перфектен во завршницата беше Леброн Џејмс кој мечот го заврши со 25 поени, 14 асистенции и 8 скокови, додека кај Пистонс најефикасни беа Ентони Толивер и Тобиас Харис со по 20 кошови.

Кавалирс со сооднос 29-21 се на третата позиција во Источната конференција, додека Пистонс со осмиот последователен пораз се оддалечуваат од плеј-офот, и сега со скор од 22-26 се на деветото место во истата конференција.

Торонто Репторс со сигурната домашна победа од 123:111 против Лос Анџелес Лејкерс му обезбедија на својот тренер Дан Кејси водење на екипа на Ол-Стар викендот кој ќе се игра на 18-ти февруари. Тој ќе ја води екипата којашто ја состави Леброн Џејмс, додека од претходно е познато дека тимот што ќе го води Стеф Кари од клупата ќе го води тренерот на Хјустон Рокетс, Мајк Д’Антони. Дури седум играчи на Репторс имаа двоцифрен број поени, а најефикасен беше Фред Ванвлит со 25 поени, додека Лејкерс ги предводеше Џулиус Рендл со 17 поени и 10 скокови.

Торонто со сооднос 33-15 се втори во Источната конференција, зад Бостон Селтикс кои имаат скор од 35-15.