Продолжуваат преговорите меѓу Лондон и Брисел за брегзитот

На речиси три седмици пред предвидениот датум за излегувањето на Велика Британија од Европската унија, британските и европските преговарачи се среќаваат во вторникот во Брисел во обидот да најдат компромис со кој би се овозможило британскиот парламент да го усвои договорот за радружувањето и да се избегне шокот од брегзитот без договор.

Состанокот кој му претходи на клучната следна седмица за премиерката Тереза Меј, е предвиден за 17 часот. Разговорите ќе се одвиваат меѓу европскиот преговарач Мишел Барние, британскиот државен обвинител Черлс Џефри Кокс, задолжен за правното советување на британската влада, и министерот за брегзит Стивен Баркли.

Премиерката Тереза Меј сака да добие нови гаранции за брегзитот, во надеж дека договорот кој го склучи со ЕУ ќе биде усвоен во парламентот на 12-ти март. Доколку пратениците повторно го одбијат, таа пред нив на 13-ти март ќе го постави прашањето дали сакаат Британија да излезе од ЕУ без договор. Доколку и тоа биде одбиено, ден подоцна ќе им предложи „ограничено“ одложување на брегзитот по 29-ти март.

Меѓутоа, европските челници, кои ја исклучуваат можноста за повторно отворање на преговорите за договорот за брегзитот, веќе предупредија дека за ссекое одложување мора да се има силни аргументи.

Во разговорот кој изминатиот викенд симултано беше објавен во повеќе европски весници, Барние рече дека ЕУ е подготвена да даде дополнителни гаранции за Обединетото Кралство, за да го олесни гласањето во британскиот парламент. Овие гаранции се однесуваат на ткн „бекстоп“, заштитниот механизам кој би гарантирал дека нема да има повторно воспоставување тврда граница на Ирскиот остров, што е клучната причина поради која се влезе во ќорсокакот. Вели дека е свесен за стравувањата на Британците дека заштитниот механизам би можел да претставува замка којашто нивната држава би можела да ја држи врзана за ЕУ, но инсистира дека тоа не е случајот.

Заштитниот механизам е осмислен за да се гарантира отворена граница меѓу Република Ирска, која е членка на Европската унија, и Северна Ирска, која како покраина на Обединетото Кралство ќе ја напушти Унијата. Барние откри дека членките на ЕУ во теорија се отворени за можноста брегзитот да биде одложен, но дека сакаат да знаат што со тоа би се добило. Тоа не смее да биде само одложување на проблемот, заклучи европскиот преговарач.