Проект на УНДП за намалување на аеро загадувањето во Скопје

Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и Шведската агенција за развој и соработка – Сида, во соработка со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, почнаа проект за намалување на загадувањето на воздухот во Скопје. Проектот, вреден над два милиони долари е финансиран од шведската влада.

„Се надеваме дека со овој проект ќе воспоставиме функционална платформа на која заеднички ќе работат сите засегнати страни со цел да се справат со загадувањето на воздухот во Скопје. Со успешна имплементација на проектот и со потврдување на концептот што овој проект го промовира, со заеднички сили ќе мобилизираме ресурси со кои ќе се спроведат активности за справување со клучните извори на загадување“, вели Нарине Сахакјан, Постојана претставничка на УНДП.

Проектот содржи четири компоненти:

  • Развој на комплетен мониторинг систем во пилот област и заедничка платформа за справување со загадувањето на воздухот
  • Имплеметирање на законските измени со цел преминување на домаќинствата кон енергетски систем со пониска емисија
  • Демонстрација на мерки кои се справуваат со причините на загадување при загревање на домаќинствата
  • Градење на јавна свест

Загадувањето на воздухот е главна причина за предвремена смрт – околу 400.000 случаи годишно и претставува најголема закана за здравјето на луѓето во Европа од аспект на животната средина. Извештајот на Програмата за животна средина на Обединетите нации, објавен во јануари 2019 година, подготвен во соработка со Светската здравствена организација, потврдува дека жителите на земјите од Западен Балкан се изложени на највисока концентрација на загадување на воздухот во Европа, пет пати повисока од онаа во земјите во Европската унија.