Проект за едукативни работилници за дијабетес во градинките во Кисела Вода

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски и претседателката на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – Баланс МК, Наташа Деспотовска – Димитриевска го презентираа во понеделникот проектот за едукативни работилници за дијабетес кои се одвиваат низ градинките во таа општина.

Работилниците се организираат со цел едукција на воспитно-згрижувачкиот персонал во градинките, во насока на што поквалитетно згрижување на дечињата со дијабетес коишто ги посетуваат.

Градоначалникот Темелковски истакна дека општина Кисела Вода останува отворена за соработка со сите невладини организации и граѓански здруженија кои имаат за цел, како Баланс МК, подобрување на квалитетот на живот за граѓаните на општината. Во моментов поточно од преземање на локалната власт, истакна Темелковски, се соочивме со фактот дека во нашите градинки има само едно медицинско лице.

„Во програмата за 2018 година направивме дополнување на буџетот за да може да ангажираме повеќе медицински лица кои без разлика дали станува збор за дијабетес или други болести, превентивно да може да делуваат кај дечињата. Ние имаме две градинки со 13 клона и во соработка со Министерството за труд и социјална политика гледаме да изнајдеме начин да ангажираме медицински лица во сите клонови на градинките. Досега праксата беше едно медицинско лице да ги посетува сите клонови кои се под соодветната градинка“, рече Темелковски.

Деспотовска – Димитриевска укажа на исклучително високиот и позитивен кодекс на вработените во градинките за заинтересираноста и намерата да се дознае нешто повеќе за дијабетесот кај малите деца.

„Едукацијата е поддржана од најрелевантаната здравствена институција од областа на дијабетесот во државата Клиниката за ендокринологија. Од таму доаѓа стручно медицинско лице кое ја врши едукацијата. Со оваа основна базична едукација за дијбетес се опфатени 150 воспитувачки – негувателки во вкупно 13 објекти кои се наоѓаат во градинките на територијата на општина Кисела Вода“, додаде Деспотовска – Димитриевска.