Проектот Иловица – Штука е безбеден за животната средина и здравјето на луѓето

Во истражувањата и изработката на Студијата за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти која е меѓународно потврдена, инвестирани се 10 милиони евра  со цел Еуромакс да се осигура дека проектот ќе се изгради и ќе оперира во согласност со домашната регулатива и меѓународните стандарди со посебен акцент на „Директивите за рударство“ на Европската Унија.

Пишува Борка Ковачевиќ, менаџер за корпоративна општествена одговорност во Еуромакс ресоурцес

Тешкотијата да се прифати нешто поинакво и отпорот да се даде шанса на новото ме мотивира уште еднаш да објаснам како изгледа еден рудник на 21-от век, каков што треба да биде по реализација проектот Иловица – Штука. Впрочем, ако сакате да зборувате за современ рудник што е безбеден за животната средина и здравјето на луѓето, треба да го знаете следново.

При долгиот и комплексен процес на развој на овој мега проект за бакар спроведени се повеќегодишни истражувања и изработена е Студија за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти, која е и меѓународно потврдена. Во процесот се инвестирани  10 милиони евра за Еуромакс да се осигура дека проектот ќе се изгради и ќе оперира во согласност со домашната регулатива и меѓународните стандарди со посебен акцент на „Директивите за рударство“ на Европската Унија.

Еден од инвеститорите во проектот е Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), чија улога е многу значајна, бидејќи учествува во финансирање и развивање на проекти исклучиво доколку се проектирани, изведени и оперирани во согласност со највисоките стандарди и меѓународни практики за заштита на животната средина и социјални аспекти.

Да се навратиме на студијата која ги опишува главните карактеристики на проектот, ги претставува постојните услови во животната средина и социјалните аспекти во подрачјето и ги опишува потенцијалните влијанија врз животната средина и социјалните аспекти поврзани со проектот, мерките за ублажување, плановите за управување и за подобрување на придобивките за да се избегнат и минимизираат негативните и да се зголемат позитивните влијанија.

На пример, Еуромакс и јавното претпријатие Национални Шуми при иницијалната фаза на расчистување на локацијата ќе ја надоместат шумата со пошумување на други блиски локации. Соработката на Еуромакс и подружницата „Беласица“ во Струмица е веќе воспоставена, посебно за обезбедување расадник за одгледување автохтони видови кои ќе бидат садени на просторот на Проектот. Оној дел од почвата што ќе се раскрева и отстрани од локацијата ќе се зачува за идна употреба при проектираното рекултивирање и обновувавање на вегетацијата.

Проектираната локација на рудникот е доволно оддалечена од населените места и активностите никако нема значително да придонесат за зголемување на постојната бучавост и квалитетот на амбиенталниот воздух и секако, нема да ја намалат количината и квалитетот на површински и подземни води.

Потврдено е дека со успешното спроведување на мерките за ублажување и на плановите за управување, сите идентификувани влијанија врз животната средина и социјалните аспекти се сметаат за прифатливи во текот на животниот век на проектот.

Во текот на истражувањето на постојните услови посветено е внимание и на културното наследство, евидентирани се потенцијални археолошки рецептори и во соработка со НУ за заштита на споменици и музеј – Струмица, тие соодветно ќе се истражат и заштитат пред да започне изградбата на комплексот.

Паралелно на овие активности, Еуромакс интензивно работи и на вклучување на сите засегнати страни во процесите. Односно, навремено и континуирано информирање на локалното население и пошироката јавност во врска со Проектот и сите придобивки. За оваа цел е изработена соодветна програма за социо-економски развој. Повратните информации од засегнатите страни, како што е и населението, обезбедуваат важни влезни податоци за проектирањето и развој на проектот.

Треба да се истакне дека целиот менаџментот на Еуромакс силно верува дека широкото и непосредно вклучување на сите засегнати страни е клучно да се изгради и оперира модерниот рударски комплекс „Иловица – Штука“ како „win-win“ капитален проект од взаемен интерес и во корист на инвеститорите и на граѓаните на Република Северна Македонија.

Отворени сме за соработка и комуникација со невладиниот сектор, односно Еуромакс активно дава поддршка на заедницата и невладините организации во регионот преку учество во заеднички проекти.

Повеќе години наназад со заедницата комуницираме преку Информативен Центар во селото Иловица, како и преку комисија за комуникација со јавноста, составена од претставници на населението за различни групи и села, согласно интернационални стандарди.

Заедницата и локалната управа се запознаени дека проектот има потреба од пристап на земјиште во концесискиот простор, како и за пристапен пат за Проектот, надземен далновод и инфраструктура за водоснабдување. Програма за пристап до земјиштето е опишано во Рамка за откуп на земјиште и обезбедување надомест. Откупот на земјиштето нема да предизвика загуба на живеалишта. Еуромакс тековно ги информира и разговара со сопственици на земјиштето и корисниците за спроведување на компензација за земјиштето. Откупот на земјиште за Проектот е во согласност со барањата на националното законодавство, како и барањата на меѓународните инвеститори, вклучително и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Во третата фаза од животниот век на рудникот е предвиден период од 2 години во кои инфраструктурата од рудникот ќе биде демонтирана и целосно отстранета, земјиштето ќе биде рехабилитирано и ќе се врши обновување на вегетацијата. За таа цел донесена е и корпоративна одлука за основање посебен финансиски фонд од 30 милиони евра наменски средства за рехабилитација на областа.

Борка Ковачевиќ, Менаџер за корпоративна општествена одговорност во Еуромакс ресоурцес

На следниов линк погледнете ја видео изјавата за заштитата на животната средина.