Со проектот „Купи куќа за млади“ заштеда и до 33.000 евра

Со пари од државата полесно до решение на животното прашање за сопствен дом. Од денеска заинтересираните лица ќе може да аплицираат за проектот „Купи куќа за млади“. Со проектот „Купи куќа за млади до 35 години“ без оглед дали се во брак или сами, младите од земјава ќе имаат можност преку два модела да добијат неповрати средства за да си го решат станбеното прашање, пишува Лидер.

Првиот модел предвидува исплаќање на субвенции на месечната рата во период од 11 години. Државата покрива 80% од ратата во првите 8 години и 50% во следните три години. Преку вториот модел целосно се покрива учеството за кредитот за стекнување куќа.

Со амандманските интервенции проектот се проширува и за лицата кои наполниле 35 години. Ќе може да аплицираат и оние кои имале стан или куќа на свое име, но во последните три години ги оттуѓиле за купување на поголем дом.

„Со овој проект ќе се даде голема поддршка за младите луѓе во Република Македонија за решавање на едно од клучните прашања во животот, а тоа е стекнување на сопствен дом што е основа за натамошно формирање на семејство и напредок во животот“, изјави вчера вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Високи заштеди

Пресметките покажуваат дека заштедите со проектот „Купи куќа млади“ може да достигнат и до 33.000 евра. Апроксимативните проценки покажуваат дека доколку се користи првиот модел од овој проект, за кредит од 50.000 евра корисниците ќе добијат субвенција до 33 илјади евра. До 40 илјади евра кредит- субвенцијата изнесува 28 илјади евра, а за 30 илјади евра кредит- поддршката ќе изнесува 20 илјади евра.

Дополнителна поволност е тоа што каматните стапки на кредитите остануваат исти како и досега, 3,95 отсто во првите три години, а 4,44 проценти во четвртата и петтата година, по што каматата ја одредува банката, но не смее да биде повисока од каматните стапки за останатите кредити за стан или куќа.

zasteda

Оние што ќе го одберат, пак, моделот наречен „учество“ ќе добијат 100 процентна субвенција на учеството за кредитот, односно максимум до 12.500 евра ако го користат максималниот износ за субвенционирање кредит до 50.000 евра. Позитивно во овој модел, е што каматната стапка е фиксна цело време при отплатата на кредитот и ќе изнесува 4,5 проценти, плус месечен Еурибор. За кредит, пак, до 40 илјади евра Владата на корисникот ќе му исплати 10 илјади евра за учество, а за 30 илјади евра субвенционираното учество ќе изнесува 7.500 евра.

Како да аплицирате за проектот „Купи куќа за млади“?

За да аплицира за проектот треба исполнувате неколку услови. Основно е – поеднинецот кој аплицира или еден од брачните сопружници треба да има до 35 години. Месечната плата за поединец треба да биде помала од 900 евра, додека за брачни другари помала од 1.300 евра.

Поединецот или брачниот пар не треба да има друга куќа или стан на свое име, или треба да се обврзат да го продадат за да аплицираат за проектот. Рокот на отплата на станбениот кредит треба да биде од 20 години, а апликантите треба да одговараат на критериумите за добивање станбен кредит пропишани од банката.

Надлежните велат дека постапката за аплицирање за проектот е многу едноставна. Доколку граѓаните ги исполнуваат условите, треба прво да најдат плац за изградба на куќа. Откако ќе најдат плац, граѓаните треба да обезбедат изведбен и идеен проект – тука може да ги искористат поволностите кои ги нуди Министерството за транспорт и врски кои даваат бесплатен изведбен проект. Потоа треба да се обезбеди дозвола за градба од општината и да се склучи преддоговор со изведувач. По ова граѓаните треба да ги поднесат овие документи со барање за проектот до една од банките кои учествуваат во проектот: НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка, Стопанска банка Битола, Шпаркасе, Охридска банка, ТТК, Алфа и Прокредит банка.

Во случај на доградба или надградба на куќа, треба да се добие согласност од сопственикот на куќата која се надградува или доградува, а потоа постапката е иста.

Стимул за градежништвото

Проектот „Купи куќа за млади“, освен тоа што е стимул за младите да го решат прашањето за сопствен дом, исто така е и дополнителен стимул за градежништвото, кое последниве години е во подем, велат познавачите на пазарот.

„Проектот е за поздравување бидејќи ќе го активира градежништвото кое што со себе развива уште 25 други сектори. Се надеваме дека ќе има позитивни ефекти и резултати, како што имаше претходно со проектот Купи куќа- купи стан“, вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

Се прогнозира дека проектот „Купи куќа за млади“ ќе има позитивни ефекти врз вкупната економија.