Проектот за изградба на новиот клинички центар во Ѓорче Петров ќе оди на ревизија

Општината Ѓорче Петров и Министерството за здравство постигнале согласност дека предложениот проект за изградба на новиот клинички центар, мултифункционален објект по пат на јавно приватно партнерство, не ги задоволува потребите и ќе треба да се ремоделира. Ова денеска со соопшти министерот за здравство Венко Филипче, пред почетокот на настанот за одбележување на Светскиот ден на населението, во организација на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА.

Инаку, во февруари годинава Владата објави дека, повеќересорска комисија, составена од претставници од Министерството за здравство, Министерството за транспорт и врски и од Агенцијата за катастар на недвижности, ги разгледала трите понудени локации во општините Ѓорче Петров, Карпош и Петровец и дека е избрана локацијата во Ѓорче Петров.

 

 

„Се бодуваа локациите по соодветна методологија и се избра локацијата во Ѓорче Петров, пред сѐ, поради земјиштето, кое е целосно државно, потоа поради цената на чинење, која е пониска и поради полесниот начин на изведба“, изјави тогаш Филипче.

 

Во врска со сличајот на лекарката од Дебарската болница, Филипче денеска изјави дека се проверуваат документите според кои таа била примена со договор на дело и примала плата од 15.000 денари, иако висината на платата требало да изнесува 30.000 денари.

-Ги побаравме од директорт на Дебарската болница сите документи за да видиме како е постапено по конкурсот што пропаднал, како се потпишани договорите и кои документи се поднесени од страна на докторката и другите кои добиле договори на дело. Сакаме да направиме анализа, дали се почитувани сите закони и дали е постапено по нив и согласно тоа ќе преземеме соодветни мерки“, рече Филипче кој најави конкретни информации за случајот уште во текот на денешниот ден.

На новинарско прашање Филипче посочи дека и покрај тоа што се соочуваме со одлив на кадри од земјава, смета дека мерките кои ги преземаат и ги планираат во следниот период ќе влијаат на младите да останат во земјата.

Потсети дека платата за која лекарите може да се пријават на оглас и да добијат загарантирано работно место во примарните центри односно во здравствените домови е 30.000 денари.

Во однос на огласот за медицински сестри, Филипче дека се пријавиле околу 200 лица што според него е доволно да ги испромовираат патронажните сервиси и дека имаат позитивни сигнали од Фондот за здравство дека оваа мерка која требало да важи шест месеци ќе може да важи на неопределено време од следната година.