Проф. д-р Ангелова, нов ректор на УКИМ: Потребна е многу работа за да имаме поквалитетно образование

Проф. д-р Билјана Ангелова од Економскиот институт е нов ректор на УКИМ. Редовни, вонредни професори, доценти и студенти – членови на универзитетски студентски собранија на Универзитетот „Светите Кирил и Методиј“ преку директно гласање ја избираа за прв човек на најстарата образовна институција во земјава.

„Навистина сум среќна за мојата нова функција. Сакам да бидам предводник на промените кои ќе го подобрат УКИМ. За добар квалитет во високото образование предуслов е да се воспостават цврсти релации во триаголникот: високо образование и наука – бизнис сектор – јавни институции, а за да го подобриме образованието потребно е создавање на центри на извонредност и зајакнување на истражувачките и иновативните капацитети кои се клучни фактори на успех за долгорочниот економски развој на земјата“, вели проф. д-р Ангелова.

Ангелова во Економскиот институт е вработена од 1992 година, каде во континуитет се избира во сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.

Во периодот 2006 – 2008 година била раководител на втор циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Била прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт.

Во јуни 2016 година е избрана за проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 година за мандатниот период 2020-2023 година. Од 2016 до 2023 година е претседател на Комисијата за финансии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Комисијата за издавачка дејност на Универзитетот.

Во трка за мандатниот период од 16 септември 2023 до 15 септември 2026 година, беа деканот на Филозофски факултет проф. д-р Ратко Дуев, потоа, проф. д-р Горан Ајдински, исто така од Филозофскиот факултет, проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и актуелна проректорка за настава, проф. д-р Димитар Ташковски исто така од ФЕИТ, проф. д-р Атанас Кочов од Машинскиот факултет, како и актуелната проректорка за финансии, проф. д-р Биљана Ангелова.

Таа е втората жена-ректор на УКИМ. Единствена ректорка на УКИМ досега била проф. д-р Радмила Кипријанова, и тоа во два мандата, во периодот од 1994 до 1998 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.