Група професори од средното уметнико училиште „Лазар Личеновски“ во Скопје, бараат од министерката за образование Мила Царовска, да го разреши ВД директорот Филип Фидановски, кој е незаконски поставен и без положен испит за директор.
„Во септември минатата година по завршувањето на вонредната состојба поради короната, во Државното средно уметничко училиште се распиша Оглас за избор на директор и на тој оглас единствен пријавен кандидат беше дотогашниот директор Димитар Филиповски коj ги исполнуваше сите услови согласно законот“, посочи професорот Сашо Барјактаров.
Тој додаде дека министерката Царовска не го испочитувала законот и за едногласно избраниот кандидат Филиповски од страна на одборот и кандидат што поседува и Тoyfel положен тест за англиски јазик и Лиценца за директор и кој успешно го завршил интервјуто со претставник од Бирото за развој на образованието, не дала согласност за негов избор толкувајќи дека кандидатот Димитар Филиповски има 2 мандата и не смее да има уште еден последователен.
„Вистината е малку поинаква бидејќи првиот мандат на Филиповски започна во 2012 година, а законот за средно образование со кои се вели дека директор има право на само 2 последователни мандата е донесен 2013 година . Значи, ниеден закон во Македонија согласно член 52 став 4 од уставот не опфаќа ретроактивно дејство, освен изгледа во овој случај. Тоа беше првото незаконско дејание и за овој случај правдата се бара на Управен суд, но судот веројатно ќе закаже рочиште за 4 или 5 години кога целиот случај ќе биде безпредметен“, вели Барјактаров.
„Второто незаконско и апсолутно неморално однесување од страна на министерката Мила Царовска беше моментот кога после недавањето согласност за избор на Димитар Филиповски за директор, го остави училиштето 37 дена без директор, само за да го почека Филип Фидановски да положи испит по англиски и да има барем некаков основ за да го постави за ВД. Според закон, ниедна институција не смее да остане подолго од 3 дена без директор. Мила Царовска не остави 37 дена без директор и тоа во услови на пандемија. Два месеца немавме земено плата и останавме без здравствено осигурување. Да повториме… во пандемија!“, рече Барјактаров.
За ова училишниот одбор се обратил писмено до министерката и ја информираше за состојбата на училиштето од 10.11.2020 година.
„По овој допис следниот ден на 11.11.2020 година, Министерката донесе решение за поставување на Филип Фидановски за ВД директор, и тоа незаконски, без положен испит за директор. За ова беше поднесена претставка до Државниот просветен инспекторат кој по овој поднесок изврши инспекциски надзор во училиштето со број 09-1905 од 28.12.2020 година (прилог 3 ), каде што е констатирано дека министерката извршила избор на ВД дури по 37 дена што е спротивно на член 93 став 1 од законот за средно образование и исто така е констатирано дека Филип Фидановски нема положено испит за директор што е спротивно на член 91 став 2 од законот за средно образование. Во истиот инспекциски записник се наведува дека за констатираните неправилности ќе се превземат мерки согласно закон. До денешен ден не се превземени никакви мерки“.
Во меѓувреме Филип Фидановски од свое име користејќи ја функцијата ВД директор ја подржува лошата реформа во образованието која апсолутно нема поддршка во делот на ликовното образование ниту од наставниците од основните и средните училишта, вклучувајќи го и средното уметничко училиште, факултетите и МАНУ, и манипулира дека средното уметничко дава подршка. Овие тврдења ги изнесе на собраниската дебата за реформи во образованието, притоа нарекувајќи го училиштето “затворена институција” што не е вистина.
Во продолжение од дописот се наведува дека со незаконското поставување за ВД на Филип Фидановски не завршува приказната, туку напротив, продолжува.
Професорите посочија дека во декември 2020-та, Државниот просветен инспекторат извршил вонреден инспекциски надзор со цел – рушење на училишниот одбор и поставување на друг – т.е подобен одбор, кој ќе изврши избор преку оглас на бараниот директор. Но по ова следеше писмена реакција од страна на многу професори од училиштето до ДПИ, До Инспекциски совет и до Управен инспекторат. Нашите жалби поднесени во допис од преку 100 страни го оставија тој фамозен записник без епилог. Инспекторатот морал да се повлече и решение по однос на записникот не бил донесен.
Тие истакнуваат дека училишната клима со поставување на в.д. директорот Фидановски е тотално срушена, уништена. Тоа го осеќаат професорите, вработените, учениците, јавноста и родителите. Особено родителите што се членови на Советот на родители.
„На ден 27.01.2021 тие добија и-мејл од в.д. директорот со кој тој во својство на директор-против законски закажува состанок на советот на родители со точка на дневен ред прекинување на мандатот на легално избраните родители –членови на советот и избор на нови т.е нему подобни родители. Исто така од класните раководители е побарано свикување на родителски средби за избор на нови родители во советот на родители, без образложение зошто тоа се прави“, истакна Барјактаров.
Тие велат дека за сите настани поврзани со Советот на родители, Претседателот на Совет на родители се известени сите родители од Советот и поднесе претставка до ДПИ. Од инпекторатот е побарано да превземе соодветни мерки во рамките на неговите надлежности. Преставката е поднесена на 1.03.2021 и за истата сеуште нема повратен одговор. Сите родители се запознаени од страна на членовите на советот на родители со состојбата. Последнава недела беа запознаени и за последниот притисок.
„Имено, на ден 18.02.2021 година повторно беше извршен инспекциски надзор, но со иста агенда-рушење на Училишниот одбор. Зошто? Затоа што согласно законот за средно образование, член 92-а, одборот распиша оглас за избор на директор, кој в.д директорот одбива да го спроведе. Ова е незаконитост и самовластие. И погодете кој не исполнува услови за овој нов оглас т.е нема положен директорски испит? В.д. директорот. Министерството и инспекторатот повторно го заштитуваат и праќаат нови инспектори да го рушат одборот – се вели во дописот.
Овојпат, со бизарни констатации дека одборот не водел евидентни листови за присуство, иако во секој записник јасно стои кој се е присутен на состанок. Со ваков наод Државниот просветен инспекторат донесува решение со бр. ИП1 09-24 за распуштање на училишниот одбор.
„Но, овој пат главниот збор во незаконските дејанија го превзема в.д. директорот Филип Фидановски. Тој никогаш не го достави ова решение до оние што се разрешени, иако тоа во писмена форма го побараа сите училишни тела“, велат потпишаните професори.
Оттаму прашуваат: Како може некој да е разрешен без притоа да добие решение за разрешување и да има права на жалба?
„Истото решение не е доставено ниту до наставничкиот совет, ниту до активите, ниту до класните раководители, ниту до Советот на родители, а од сите нив е побарано да се почне постапка за избор на нови членови на училишниот одбор. Тука в.д. директорот се надмина себе си. Замислете, тој издаде решение врз решението на ДПИ. Решение во кое се бара да бидат избрани нови претставници во одборот, но со квалификација за незаконско работење и забрана за повторен избор на истите лица. Членовите на Училишниот одбор од редот на наставниците и од редот на родителите се прогласени за криминалци кои работеле спритивно на законот. Бидејки, не ни дозволува да го видиме решението, претпоставуваме дека и членовите на одборот“ – претставници од владата се прогласени за криминалци – стои во дописот испратен до медиумите.
Поради тоа тие јавно прашуваат, кој прогласува дека некој се бавел со незаконити активности и кој дава забрана за избор на тие лица во било какви тела? Инспекторатот, судот или в.д. директорите? Само судот може да ве прогласи за виновен.
– Дозволете да ја искористиме оваа прилика и јавно да побараме од надлежните органи ова самовластие да престане. Ја повикуваме министерката Царовска веднаш да го разреши Филип Фидановски од позицијата в.д. директор за рушење на демократските принципи и закони за водење на училиштето. Затоа што неговото незаконско водење со насилно менување на сите легитимно избрани тела на училиштето, истото го води во пропаст. Затоа што сето ова се одразува и во училишната клима која директно ја чувствуваат и самите ученици. Ја повикуваме министерката Царовска веднаш да го смени Филип Фидановски од в.д. директор“, децидни професорите.