Професорката Котлар: Не станува збор за предметот историја, туку за нашата суштина!

Професорката Наташа Котлар од Институтот за национална историја (ИНИ) ја критикува најавената образовна реформа од министерката Мила Царовска, со која историјата повеќе нема да биде посебен наставен предмет, туку ќе се учи интегрирано, со други предмети, заедно со географијата и со граѓанското образование.

-За она ‘општествени науки’ да им кажам на реформаторите дека хуманистичките науки опфаќаат изучување на историја, филозофија, јазик, книжевност и уметност! Ете, толку!, објави Котлар на Фејсбук.

Потоа во дебатата под постот го дообјасни своето видување.

-Толку е во смисла на нивниот мисловен капацитет, треба со усул да им се кажува, не можат да восприемат сè одеднаш! А, со исклучок на една провладина група историчари, комисисти, повеќемина од нас долго време укажуваме и реагираме и уште ќе следи! Но, ова е проблем на нашето цело општествено милје, кое, за жал, не сака или не разбира дека ни се случуваат сериозни напади врз нашиот целокупен живот и постоење!, додава историчарката.

-Само денес реагиравме на националните телевизии и јас, и колегата Митко Панов, а ќе следуваат и други реакции. Треба да реагира целата научна и образовна фела – факултети, универзитети, институти и институции и МАНУ! Но, и сите општествени, политички, социјални, културни и други институции, бидејќи овде не станува збор за историјата како наставен предмет, туку за нашата суштина! Од многу памет не разликуваат општествени од хуманистички науки. А треба само да ја погледаат листата на УКИМ за научните дисциплини и нивното научно подрачје и научно поле!, заклучува таа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.