Професорскиот пленум не прифаќа средба со Граѓанската иницијатива

Професорскиот пленум не е против реформи во образованието, но дека тие мора да бидат спроведени врз база на соодветна анализа на состојбата и евалуација на резултатите од досегашниот образовен систем, се наведува во соопштението на Пленумот на членовите на академската заедница во Република Македонија по средбата со Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов.

Тие се заблагодариле за неговата подготвеност за средбата на која ги слушнал нивните ставови за предложените измени на Законот за високо образование.

Пленумците не се согласиле со предлогот на претседателот Иванов за средба помеѓу Професорскиот пленум и Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование, со образложение дека  дека нема потреба од таква средба, бидејќи не постојат спротивставени мислења во однос на потребата од реформи во високото образование.

-Единствената разлика меѓу нив е што досега ни факултетите, ниту Интеруниверзитетска конференција не добиле аргументи и мислења кои би ги поддржале јавно истакнатите ставови на Граѓанската иницијатива. За Професорскиот пленум оваа средба, предложена да се одржи на истиот ден кога е закажана 31-та седница на Собранието на РМ на која се очекува изгласување на предложениот пакет закони е беспредметна, стои во соопштението.