Прогласени победниците на натпреварот на средношколци во претприемнички вештини

Тимот „Слободно крило” во состав Мартина Нанева, Петар Цековски, Анастасија Накова и Јана Манова од четири средни училишта од Кавадарци, Скопје и Свети Николе, го освои првото место на Кампот на иновации – натпревар на средношколци во претприемнички вештини, кој се одржа вчера во организација на Џуниор Ачивмент Македонија, а во соработка со Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

Понуденото решение е еден поинаков вид на хотелски услуги, каде цел еден дел на хотелскиот простор е прилагоден за престој на млади луѓе со „куќен ред” кој ним им одговара и простор за настани прилагодени на нивните интереси и потреби.

На натпреварот учествуваа 52 ученици од 13 средни училишта од територијата на целата држава.  Учениците работеа во 13 тима од по 4 ученици, а им помагаа 13 бизнис волонтери во нивната интензивна  работа на пронаоѓање на иновативно решение на поставениот предизвик.

Кампот на иновации е еднодневен настан на кој учениците имаа можност да се запознаат со ученици од други училишта и други градови, а воедно да ги покажат својата иноватнивност и своето знаење во областа на претприемништвото.

Во текот на денот учениците го користea своето знаење, применувајќи претприемнички вештини и тимска работа да најдат иновативни одговори за предизвикот, а достапниста до интернет како можност да дојдат до голем број на информации и технологии, допринесе кон брзи резултати. На крајот нивните презентации ги оценуваше жири комисијата, која врз основа на воспоставените критериуми за квалитет на изработка на бизнис план, иновативност на понуденото решение, квалитетот на изработената презентација и тимскиот дух, ги одбра трите најдобри тима.