Производи од Македонија на Форум во Албанија

Второ продолжение од „Форум за Бизнис и Инвестиции Македонија-Албанија” се одржува во Тирана каде што ќе биде организиран и Мини саем на производи од Македонија – пијалоци, вино и храна, како и networking настан каде производителите од Македонија кои ќе се пријават како учесници ќе имаат можност на сопствени штандови да ги презентираат своите производи пред потенцијалните купувачи од Република Косово и Република Албанија со цел да остварат директни средби со истите.

Целта на овој настан е продлабочување на соработката на компаниите – производители на прехранбени производи од Македонија и компаниите од Косово и Албанија кои се заинтересирани за откуп на производи од земјава. На настанот ќе бидат присутни компании кои работат со увоз и дистрибуција на прехрамбени производи за поголемите ланци на супермаркети и кои имаат интерес за соработка со компании од Македонија производители на свежо овошје и зеленчук, вино, млеко, месо, кондиторски производи и тестенини.

Форумот е во организација на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија (АСИПИРМ), преку економскиот промотер за Албанија и Косово, Фатос Мустафа со поддршка на Амбасадорот на Република Македонија во Албанија Стојан Карајанов, а во соработка со Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија, вклучувајќи го и Косово.