Промената на името – главна инспирација за маските на Вевчанци

Промената на уставното име беше најголема инспирација за вевчанските василичари, кои попладнево продефилираа низ вевчанските улици на годинашниот Вевчански карневал 2019.

Покрај традиционалните зет, невеста, ѓаволите и глупавите Августи, низ вевчанските улици помина и Комисијата за доделување Нобелова награда за која е номиниран премиерот Зоран Заев, минималната плата од 500 евра, странските инвестиции, законите за родителски додаток на министерот за здравство Венко Филипче, како и осуммината пратеници од ВМРО – ДПМНЕ, кои ги поддржа уставните измени и ѕидот на Трамп кон Мексико. И годинава на сатиричен начин беа претставени специјалните јавни обвинителки и загадениот воздух, а не изостанаа ниту маските од секојдневието, омилените детски цртани ликови, како и други смешни и страшни содржини.

Карневалот за отворен го прогласи министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

– Сигурен сум дека ние политичарите ќе бидеме предмет на критика денеска и едвај чекам да видам што имаат подготвено вевчанци и василичарите со своите маски. Денеска сигурен сум дека тука ќе се смеам, ама знам дека вечер сигурно ќе се замислам. И ова е дел од критиката и нормално е власта да биде критикувана. Тоа е демократија и затоа е власта за да биде критикувана, а критиката може да направи само подобра власт. Ако не треба да биде сменета, рече Манчевски.

По дефилето, двете василичарски друштва Горна и Долна маала ќе ги посетат вевчанските семејства со желби за среќа и бериќет. Во утринските часови традиционално, според обичаите ќе одат на Вевчанските извори да наполнат вода со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричката. Присутните вечерва ќе ги забавуваат „Баклава“, „Џубокс бенд“, Кате и „Нели ти реков“ и „Оркестар зурли и тапани“.

Според традицијата, василичарите утре околу пладне ќе дојдат во центарот на Вевчани каде ги играат василичарските ора. Манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските во центарот на Вевчани, со што се верува дека се ослободуваат од злото и  годината ќе им биде среќна и бериќетна.