Промени слични на Алцхајмер забележани во мозокот на пациенти со Covid-19

Луѓето кои умираат од тешката форма на коронавирусната болест Covid-19 имаат абнормалности во мозокот кои наликуваат на промените забележени при Алцхајмеровата болест, односно собирање протеини што е карактеристично за оваа болест, откриено е со мали студии.

При Алцхајмеровата болест се случува соборање на белковината тау во мозочните клетки и абнормални количества на протеинот бета-амилоид кои се собираат во амилоидните плакови.

На Универзитетот Коламбија, др. Ендрју Маркс и неговите соработници проучувале мозоци на десет пациенти заболени од Covid-19 и откриле дефекти во протеините наречени ријанодински рецептори кои го контролираат минувањето на калциумот низ клетките.

При Алцхајмеровата болест, дефектните ријанодински рецептори се поврзани со акумулирњето на протеинот Тау во ткн неурофибрилни клупчиња. Тие топчести појави биле присутни во високи нивоа во мозоците на пациентите заболени од Covid-19, известува научниот тим во студијата објавена минатиот четврток во списанието Alzheimer’s & Dementia.

Независно од ова истражување, други научни тимови барале и пронашле абнормални нивоа амилоиди во мозоците на пациентите заболени од Covid-19, според сѐ уште нерецензираните студии објавени на ресурсот за предиздавање bioRxiv и на веб-страницата на списанието The Lancet.

Во сите студии пациентите ги имале најтешките форми на Covid-19. Доколку сличните промени се одвиваат во мозокот на пациент со поблага форма на болеста, тоа би можело да ја објасни „мозочната маглина“ поврзана со долготрајниот Covid-19, вели др. Маркс.

Пациентите со тешка форма на Covid-19 би можеле да бидат под поголем ризик од деменција подоцна во животот, но прерано е да се знае, додава др. Маркс. Тој советува, затоа, да се прими „бустер“ дозата од вакцините и максимално да се избегнува коронавирусот.

„Доколку заболете од Covid-19, веројатно нема да умрете но сѐ уште не знаеме многу нешта за долгорочните ефекти“, предупредува др. Маркс.