Промоција на четири изданија за македонскиот јазик во МАНУ

Четири капитални изданија за македонскиот јазик утре ќе бидат промовирани на платото пред МАНУ. Делата деновиве излегоа од печат на иницијатива на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и со целосна поддршка и вклученост на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик.

Станува збор за „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“, колективна монографија во којашто е даден синтетски преглед на историскиот развој на македонскиот јазик од IX век, па сè до неговата кодификација. Останатите дела се „Погледи за македонскиот јазик“, меѓународен зборник на трудови во којшто над 40 странски и македонски лингвисти имаат свои прилози за различни аспекти на македонскиот јазик, „Македонска хрестоматија“, избор на позначајни македонски текстови од IX до XX век и „Лингвистички атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА)“, кој дава продлабочен увид во лексичкото богатство на македонските дијалекти. Сите овие дела се поставени и во дигитална форма на главната страница на МАНУ.

На промоцијата, воведна реч ќе има претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, а книгите ќе ги промовираат академик Катица Ќулавкова, проф. д-р Снежана Велковска, проф. д-р Димитар Пандев и дописниот член Марјан Марковиќ.

– Со излегувањето на овие значајни изданија за македонскиот јазик, а и со заедничката промоција, македонската лингвистичка средина се обединува за да даде вистински аргументирани и научни одговори за континуитетот и еволуцијата на македонскиот јазик, а и за неговото место во меѓународната славистика и лингвистика, информираат од МАНУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.