Промоција на книгата „Вовед во славистиката“ од Емил Ниами, вечерва во КИЦ

Книгата „Вовед во славистиката“ од Емил Ниами ќе биде промовирана на вечерва, во Културно информативниот центар – Скопје, со почеток во 19 часот. Промотори ќе бидат Димитар Пандев и Красимира Илиевска, а модератор Мишел Павловски.

Книгата е издание на „Ми-Ан“.

Станува збор за книга која се занимава главно со историјата на словенските јазици што, како што пишува во описот, ја прави прва од ваков тип во нашата земја.

„Во неа е даден кус историски осврт на славистиката како наука, по што се дава и куса историја на Словените. Фокусот на книгата е ставен на описот на сите словенски јазици, како на живите, така и на мртвите, и тоа е направено на еден современ начин со многу полезни детали кои се важни во современоста. Во книгата, исто така, има и дел којшто се занимава со обидите за создавање на сесловенски јазик од минатото до денешен ден“.

Емил Ниами е доктор на филолошки науки. Во 1999 година дипломирал на групите за руски јазик и книжевност и на американски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на првиот „Речник на паронимите во македонскиот јазик” (2020), првиот „Речник на антонимите во македонскиот јазик” (2021) и на првиот „Речник на хомонимите во македонскиот јазик (2022), а исто така е и автор и главен редактор на првиот „Речник на медиумската писменост“. Се занимава со теми од областа на лексикографијата, лексикологијата, социолингвистиката и традуктологијата.