Промоција на монографијата „Пајонија и Пајонците“

Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје денеска во Народниот музеј Свети Николе ќе ја промовира монографијата „Пајонија и Пајонците – извори историја и археологија“. Таа содржи интердисциплинарни трудови во кои се толкуваат литературни и наративни сведоштва, се анализираат најважните археолошки наоди и се прикажуваат најновите достигнувања во пајонската нумизматика и епиграфија.

Деканатот на Филозофски факултет соопшти дека најважната цел на монографијата е во намерата собраните податоци да поттикнат и охрабрат нови истражувања, со кои уште подлабоко ќе се проникне во историјата и културата не само на Пајонците, туку и на ним соседните балкански племиња и народи.

– Секој труд опфаќа различна тема и има сопствен методолошки пристап, сепак, сите трудови еднакво ги исцртуваат определниците за секое идно истражување на пајонската проблематика: потребата податоците да се разгледуваат во соодветен историски и историографски контекст; пишаните сведоштва и материјалните наоди најпрвин да се протолкуваат и, ако е можно, целосно да се расчистат, па дури потоа да се користат како основа за претпоставки. И најпосле, археологот, историчарот и филологот еднакво да внимаваат на материјалните наоди во обидот да ги реконструираат главните интеракции и процеси во самостојната историја на Пајонците, наведува Филозофскиот факултет, кој е издавач на монографијата.